Трамп и Клинтон- најсериозни кандидати за претседател на САД

27.04.2016 10:30

По победите на прелиминарните избори во Конектикат, Роуд Ајленд, Делавер, Пенсилванија и Мериленд, Доналд Трамп и Хилари Клинтон остануваат најсериозните претседателски кандидати коишто во ноември ќе се борат за место во Белата куќа. Клинтон веќе разгледува кандидати за потпретседател, а Трамп се обидува да собере 1237 делегати со што нема да му биде оспорена номинацијата на републиканската конвенција во јули.

По прелиминарните избори во Конектикат, Роуд Ајленд, Делавер, Пенсилванија и Мериленд, Хилари Клинтон е се поблиску да стане претседателски кандидат на Демократската партија на изборите во ноември. Клинтон веќе разгледува 15 до 20 личности коишто може да бидат нејзин Потпретседател. Засега најсериозно се спомнуваат имињата на сенаторите Тим Кејн, Марк Ворнер и Шерод Браун, поранешниот гувернер на Масачусетс Девал Патрик и секретарот за труд на Претседателот Обама, Томас Перез.

„Ќе се вратиме во Филаделфија за демократската национална конфенција. Со најмногу гласови и најмногу делегати поддржувачи. Ќе ја обединиме партијата за да победиме на изборите и да ја изградиме Америка, каде сите заедно напредуваме,  растеме нагоре, а не да уништуваме“, изјави Хилари Клинтонпретседателски кандидат на Демократската партија.

Претседателските кандидати Џон Кесич и Тед Круз склучија договор да не си прават конкуренција на престојните прелиминарни избори во Индијана, Њу Мексико и во Орегон, со цел да го спречат Доналд Трамп да добие поддршка од  1237 делегати доволни за освојување на номинацијата на конвенцијата во јули. Трамп е убеден дека ќе биде републикански претседателски кандидат и дека ќе ја победи Хилари Клинтон.

„Потребни се политичари со долго искуство Џон Кесич и Тед Круз да се здружат против мене, но ако ги видите гласовите и бројот на делегатите, тие се далеку зад мене. Но неопходно е двајца искусни политичари да се здружат и да се обидат  да го победат Трамп, а сепак се далеку зад мене. Па си реков, тоа е многу лошо. И ова е клучот, јас ова го правам само за последниве 10 месеци, не е толку долго“, изјави Доналд Трамппретседателски кандидат на Републиканската партија.

Прелиминарните избори во Калифорнија на 7-ми јуни можеби ќе бидат крај за изборната трка на демократскиот претседателски кандидат Берни Сендерс. Доколку сенаторот од Вермонт изгуби во оваа клучна држава губи и теоретски шанси за освојување на номинацијата на Демократската партија за претседател. 

Доналд Трамп и Хилари Клинтон започнаа меѓусебно да се напаѓаат иако се уште официјално не ја добиле номинацијата за претседател на Републиканската и Демократската партија.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ