10,7% раст на индустриското производство во првиот квартал

27.04.2016 13:43

Според податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство во март 2016 година, во однос на март минатата година, забележува раст од 8,9%.

Продолжува трендот на раст на индустриското производство. Според податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство во март 2016 година, во однос на март минатата година, забележува раст од 8,9%. Во првиот квартал, односно во периодот јануари - март 2016 година, во однос на периодот јануари - март 2015 година, индустриското производство пораснало за 10,7%. Исотвремно, бројот на работниците во индустријата во првиот квартал се зголемил за речиси 2%.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во март 2016 година, во однос на март 2015 година, бележи опаѓање од 7,5%, во секторот Преработувачка индустрија, бележи пораст од 15,4%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 14,2%.

Порастот во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на облека, Производство на други неметални минерални производи, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место, Производство на електрична опрема и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во март 2016 година, во однос на март 2015 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 3,2%, Капитални производи за 63,6% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,4%, додека опаѓање бележи кај Енергија за 19,9% и кај Трајни производи за широка потрошувачка за 26,8%.