Туск го одби барањето на Ципрас за самит

27.04.2016 14:37

Туск го одби грчкото барање, сметајќи дека проблемот треба да го решат министрите за финансии и упати апел во наредните денови да се свика итен состанок на Еврогрупата. Тој смета дека мора да се избегне нова неизвесност за Грција и вети иницијатива за што побрзо да се договори состанок на Еврогрупата.

Шефот на Европскиот совет, Доналд Туск го одби барањето на грчкиот премиер Ципрас за итно свикување на европски самит поради ненадејниот прекин на грчките преговори со кредиторите. Во телефонски разговор со Туск, Ципрас изразил незадоволство што кредиторите, односно ММФ инсистираат Грција покрај договорените мерки од 5,4 милијарди евра да прифати и нови, вонредни мерки во висина од 3,6 милијарди евра. Грчкиот премиер побара итно свикување на европски самит за проблемот да се реши на политичко ниво.

Туск го одби грчкото барање, сметајќи дека проблемот треба да го решат министрите за финансии и упати апел во наредните денови да се свика итен состанок на Еврогрупата. Тој смета дека мора да се избегне нова неизвесност за Грција и вети иницијатива за што побрзо да се договори состанок на Еврогрупата.

За Атина е многу важно ситуацијата да се реши што побрзо и Брисел да го одобри договорот за мерките за пензиски и даночни реформи од 5,4 милијарди евра и да даде зелено светло за исплаќање на дел од кредитот за државата. Грчката влада стои цврсто на ставот дека не сака да ги прифати новите мерки на кои инсистира ММФ, кои би се примениле доколку Грција до 2018-тата не ги исполни зацртаните цели.

По најновите настани лидерот на опозициската Нова демократија, Мицотакис, побара оставка од премиерот Ципрас, со образложение дека државата не може повторно да минува низ истата ситуација од минатото лето.

 

Марина Автовска