Абдеслам екстрадиран од Белгија во Франција

27.04.2016 15:54

Главниот осомничен за терористичките напади во Париз, екстрадиран од Белгија во Франција. Салах Абдеслам беше уапсен четири месеци по злосторството во градот на светлината во кое загинаа 130 луѓе...

Утринава во 9 часот белгиските власти во придружба на елитната француска полициска единица го екстрадираа во Франција Салах Абдеслам- главниот осомничен за терористичките напади во Париз, минатата година.

По 96- часовен одреден притвор во затворот Флор Мероги, Абдеслам го очекува судење во Франција- потрвдија обвинителите на двете земји. 26- годишниот Абдеслам е роден во белгискиот главен град, но поседува и француско државјанство.

„Ова момче сака да зборува, а тоа е важно. И правниот систем и семејствата треба да знаат. Нашиот состанок траеше над два часа во присуство на неговиот белгискиот адвокат“, изјави Франк Бертон, француски адвокат на Абдеслам.

„Никогаш не сум морал да си ја затворам канцеларијата поради безбедносни причини. Или пак,  да одам да ги земам децата половина час пред крајот на часовите. Тоа ме вознемируваше“, вели Свен Мари, белгиски адвокат на Абдеслам.

Да потсетиме дека тој беше уапсен во Брисел на 18-ти март годинава, по 4 месечна потера. При обидот да и се спротивстави на полицијата, тој беше ранет во ногата.

Истражителите информираа дека Абдеслам им признал дека тој ја организирал логистиката за ноемвриските напади во Париз во кои загинаа над 130 луѓе, како и дека планирал да се разнесе на стадионот, но во последна минута се предомислил.

Во однос на Бриселските терористички напади, не беше потврдена директна врска меѓу извршителите и Абдеслам. Одговорноста за сите овие напади ја презеде Исламската држава.

Инаку тој беше обвинет од страна на белгиските власти поради престелката во шумската област во Брисел, во која беа повредени четворица полицајци, само три дена пред конечно да биде уапсен.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ