Банкарите тврдат- штедните влогови се сигурни и стабилни
Банките имаат висока ликвидност, штедните влогови се сигурни и стабилни тврдат банкарите. Според Здружението на банкари, граѓаните не треба да ги вознемируваат шпекулациите. Велат банките се подготвени да ги сервисираат сите нивни потреби...

Нема потреба за паника кај штедачите затоа што штедните влогови се сигурни и стабилни, а банките ликвидни, порача банкарскиот еснаф од стопанската комора. Банкарите со појаснување, адекватноста на капиталот на домашните банки е двојно повисока од законски бараната, а ликвидноста висока и може да одговорат на сите потреби на фирмите и на граѓаните.
„Во моментов банките имаат вишок ликвидни средства и се подготвени да ги сервисираат сите потреби на граѓаните. Штедните влогови во банките се сигурни и стабилни“, изјави Коста Митровски, претседател на Здружението за банкарство при Стопанската комора на Македонија.
Централната банка во неколку наврати потсети дека домашниот банкарски систем е стабилен и безбеден со изразена ликвидност која може да одговори на сите потреби. Гувернерот Богов повтори дека денарот е стабилен и нема простор за загриженост, а шпекулациите за наводна девалвација кои се оркестрирани и посилни од порано ги нарече неосновани.
„Целта е нарушување на макроекономската стабилност. Народна банка има доволно моќни инструменти со кои може во секое време да го одбрани курсот на денарот доколку е предмет на напад. Во последните 5 години имаме исклучително низок дефицит во платниот биланс, кој е основен индикатор кој покажува, дали на земјата и недостигаат девизни средства“, вели гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.
Банкарите со порака, депозитите во април продолжуваат да растат, а со тоа и кредитирањето. Шпекулациите за немање доволно евра во менувачниците се невистинити.
„Банките имаат доволно готовина во евра, и граѓаните и фирмите можат да купат неограничени количества за нивните потреби“, нагласува Митровски.
Банкарите потсетија дека ќе биде поддржан секој профитабилен проект на фирмите со прифатлив ризик, а вишокот ликвидност се пласира во благајнички записи.
Свето Николовски
