Делегацијата на ПССЕ на средби со власта и опозицијата
Делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа на средба со власта и опозицијата. Груевски порачува: фер и демократски избори на 5-ти јуни неопходни за надминување на кризата. Заев бара повлекување на одлуката за аболиција и исполнување на трите услови за да оди на избори. Мисијата од Стразбур на средба и со првиот парламентарец...

Претстојните парламентарни избори и разрешница за политичката криза во Македонија биле централните теми за кои разговарале политичките партии и претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски на одвоените средби со делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која е во предизборна мисија во земјава.
Вељаноски пред парламентарците потенцирал дека отсуството на Собранието во преговорите е голем недостаток во разрешувањето на политичката криза, бидејќи реализирањето на договорот во најголем дел се одвива преку Собранието. Првиот парламентарец рекол дека сите политички фактори треба да си преземат одговорност и да покажат зрелост во однесувањето.
Изборите на 5-ти јуни се неопходни за надминување на кризата преку демократски процес, каде граѓаните согласно нивната волја ќе одлучат за иднината на државата рекол во разговор со парламентарците, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој истакнал дека е потребен крај на кризата и тоа го сакаат и очекуваат граѓаните, како и враќање на рефорсмките процеси и продолжување на реализација на проектите кои се од нивен интерес. Груевски посочил дека приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е изборите да бидат фер и демократски, за што институциите задолжени за процесот и нивно организирање ја имаат потполната поддршка. Изборите, рекол Груевски, се и тест за демократскиот капацитет на партиите и подготвеноста да се соочат со волјата на граѓаните.
Решение за ситуацијата е повлекување на незаконската одлука на Иванов за аболиција и организирање и реализација на фер и регуларни избори, на коишто ќе биде избрана кредибилна влада, рекол претседателот на СДСМ Зоран Заев на средбата со шестемина парламентарци од Парламентарното собрание. Во партиското соопштение пишува дека Заев истакнал оти не се исполнети трите клучни услови за регуларни избори. Избирачкиот список не е прочистен, медиумски реформи не се спроведени, партијата не е одвоена од државата.
Миле Ристески
