Почнуваат Велигденските чествувања

28.04.2016 15:04

На Велики Четврток, пред изгрејсонце се вапсани велигденските јајца. Почнуваат предвелигденските чествувања. Многузначен е симболот на црвеното јајце, традицијата е силна, адетите се вековни.

„Три јајца- едното за Господ, едното за куќата, едното за плодност“, вели прилепчанката Менче Пејоска. Вапсани се велигденските јајца. Првото пред изгрејсонце, оставено на прозорецот, да го помилуваат првите сончеви зраци.

Традицијата е силна, значењето уште поголемо, адетите за Велогден се вековни.

„Јајцето го претставува гробот на Исус Христос, а истовремено претставува и нов живот - испилувањето на пилето.Црвената боја ја претставува крвта исусова, затоа традиционално, ги вапсуваме во црвена боја“, вели Лилјана Ѓорѓиоска.

Првото црвено велигденско јајце и симбол и за здравото поколение. Со него се бањаат и се благословуваат децата.

„Децата се капат со нив. Земаат и два-три цветови, ама со јацето се капат. Во капењето се кажува: Црвено, бело, дебело. Како јајцето, така да биде и детето“, вели Розе Јанкоска.

По вапсувањето на велигденските јајца, почнуваат честувањата пред пречекот на големиот празник.

„Вечер се пречувува Исус Христос и се седи цела ноќ, како бдение. Утре се целива Исус Христос, а утревечер се погребува“, објаснува Паре Макалоска.

За празникот има и посебни адети. Мора да се купи нешто ново.

„Во Прилеп голема традиција е шетањето, да се постави велигденската трпеза, децата да се облечат во ново, да одат по јајца и црвени јајца да се земат“, ги објаснува велигденските адети прилепчанката Писана Ангелеска.

Вапсувањето велигденски јајца е умешност за постарите со голема симболика. Традицијата сакаат да ја наследат и новите генерации.

 

Елизабета Митреска