Се истражува причината за смртта на Крпач

28.04.2016 15:52

Јавното обвинителство ги бара причините за смртта на Коста Крпач, МВР очекува детали за расветлување на случајот. Тимот на Катица Јанева информира дека тој доброволно се јавила како сведок во предистрага...

Се истражува причината за смртта на Коста Крпач. Од Јавното обвинителство информираат дека обвинителот кој бил на самото место издал наредби за обдукција, за балистичко вештачење и прибирање траги од лице место. Велат дека постапките се во тек. Ги чекаат извештаите, по што ќе ги  анализираат. Министерот за ватрешни работи очекува детали за расветлување на случајот. 

„Истрагата се уште трае и за сите детали и дилеми кои постојат во македонската јавност, штом ќе заврши истрагата ќе бидат споделени со јавноста“, изјави министерот Оливер Спасовски.

Со соопштение се огласи Специјалното јавно обвинителство. Велат дека Коста Крпач бил сведок кој доброволно се јавил за случај во предистражна постапка.

„Ова јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето коста крпач. Но, со оглед дека станува збор за исклучително доверливи информации, нема да и бидат соопштени на јавноста во овој момент“, велат од Специјалното јавно обвинителство.

Соопштуваат дека против него не била водена кривична постапка, па според тоа им била нејасна одлуката на претседателот да го помилува. 40-годишниот Коста Крпач беше пронајден мртов во неговиот стан со прострелна рана во градниот кош. До него имало огнено орујже. Претходно, од неговиот стан имало истрели кон возило паркирано пред зградата каде што живеел.  

 

Наташа Гркова- Петрушевска