Груевски: Со низа мерки ќе се подобрува животот на село
„Од град во село, за нов почеток“ е новиот проект од програмата на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на населението во селата. Проектот предвидува да се субвенционира трошокот за купување, обнова или градба на куќа најмногу до 6.000 евра, да се даваат бенефиции за земјоделско земјиште...

Мерки за подобрување на животот на село промовираше претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски. Во партиската програма проектот е насловен- Од град во село за нов почеток. Се предлага државата да дава 6.000 евра за купување, изградба или реконструкција на куќа на село, три хектари бесплатно државно земјиште за обработка, еднократна месечна субвенција од 15. 000 денари, помош за набавка на механизација. Би важел за селата до 500 жители.
„Ова е шанса и за оние кои се невработени, а живеат во град. Еве шанса преку својот труд, со исклучителна поддршка од државата да дојдат до свој дом, своја работа и бизнис за семејството на село. Државата нуди работа, нуди дом и исклучителни поволности за поддршка на сопствен бизнис на село. Сега зависи само од вас, од храброста, решителноста, но и знаењето и волјата за работа на секој поединец кому му треба поддршка“, изјави Груевски.
Груевски рече дека Македонија ќе излезе посилна по решавањето на политичката криза и ќе се врати на патеките на напредокот, економскиот развој, на патот на ЕУ и НАТО. Според него, народот застанува против сценарија за дестабилизација.
Викторија Милевска
