Охрид полн со туристи за празниците

29.04.2016 15:48

Од вчера Охрид започна да се полни со туристи кои на охридското крајбрежје ќе ги прослават велигденските и првомајските празници. Хотелите ќе бидат исполнети околу осумдесет проценти, додека дел од приватните станоиздавачи веќе ги распродадоа своите капацитети...

Охрид ќе биде полн со туристи во текот на продолжениот празничен викенд. Хотелите во просек ќе бидат искористени околу 80 проценти, а солидно ќе се исполнат и индивидуалните сместувачки капацитети. Во текот на велигденските и првомајските празници охриѓани за гостите ќе приредат добра забава, а посебна атракција за нив ќе биде Велигденскиот саем кој беше отворен вчера. Кај стариот  охридски чинар тие ќе можат да купат рачно изработени предмети, украси, накит, сувенири и пекарски производи.

„Има туристи кои што купуваат вакви јадења и баш ни е мило. Претежно кифлите и комадот ги бендисуваат, традиционалните јадења.“

„Ние сме македонци што живееме во Албанија. Супер е овде за велигденските празници и сега почнувам да купувам. За многу години. “

„Супер е, многу е убаво овде , овој пат ми се чини подобро е организирано од лани и оломнани. Ја подржуваме оваа акција.“

„Многу ме бендисува, убаво е организирано“, велат посетителите.

Велигденскиот саем има хуманитарен карактер, а со прибраните средства ќе им се помогне на социјално ранливи семејства.

„Суштината на организација на оваа манифестација е да ги подучиме најмладите генерации во Охрид уште од мали нозе да ги негуваат основните човекови, хумани, етички и традиционални вредности“, вели градоначалникот Никола Бакрачески.

„Сакаме да помогнеме на оние семејства на кои им е потребна помош, односно кои што треба да го осетат духот на Велигденските празници“, изјави Тони Коталески, директор на Ј.П. Градски пазар.

Викендов во Охрид најбројни ќе бидат домашните и туристите од соседните земји, а веќе на трети мај со чартер лет ќе допатува првата група туристи од земјите на Бенелукс, со што и официјално ќе биде отворена туристичката сезона.

 

Сашо Нелоски