Дистрикт Колумбија: Иницијтива за нова сојузна држава

29.04.2016 17:00

Градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баусер покрена иницијатива за референдум Дистркт Колумбија да стане 51-ва американска сојузна држава. Жителите на главниот американски град сметаа дека се обесправени зошто не се политички претставени во власта.

За време на претстојните претседателски избори наесен, ќе се гласа Дистрикт Колумбија во кој се наоѓа главниот американски град да стане 51-ва сојузна држава. Дистрикт Колумбија е федерален дистрикт под контрола на американскиот Конгрес. Градот има градоначалник, но нема претставници во Конгресот и Сенатот. Доколку стане нова 51-ва држава, ќе го носи името Нова Колумбија. 

„Јас сум родена и пораснав во Вашингтон Ди-Си. Овде живеам цел живот, плаќам даноци уште кога станав полнолетна. Мојот сопруг служи во армијата и тој заслужува да биде претставуван во Конгресот.“

„Сакам да видам Ди-Си да добие демократија по 200 години.“

„Јас сум студент по право и верувам дека закана за демократијата некаде е закана за демократијата насекаде.“

„За моите деца, затоа што моите деца не можат да станат конгресмени од Дистрикт Колумбија. Тоа е мојата причина, затоа ако сакаат да бидат конгресмени тоа да можат да бидат“, велат жителите кои ги анкетиравме.

Противниците на независноста сметаа дека безбедноста на главниот град не треба да биде ставен во рацете на една сојузна држава. Евентуалната нова сојузна држава би била меѓу најмалите и исклучително урбана со федералната влада како најголем работодавец. Нејасно е дали независноста треба да ја одобри и државата Мериленд од чија територија во 1790-та е формиран Дистрикт Колумбија.

Поддржувачите коишто се најчесто демократи, како претседателите Бил Клинтон и Барак Обама, и претседателските кандидати Хилари Клинтон и Берни Сендерс,  сметаат дека со независноста граѓаните ќе имаат поголема политичка автономија и преставување во Конгресот.

Од 2000-та година, во Дистрикт Колумбија се издаваат регистарски таблички за возила на кои пишува „Оданочување без претставување“. Прва ваква табличка имал поранешниот американски претседател Бил Клинтон, а меѓу првите наредби на поранешниот Претседател Џорџ Буш била да ги укине ваквите таблички. 

Од формирањето главниот американски град бил Дистрикт Колумбија, никогаш не бил сојузна држава.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ