Надал ја зголеми предноста на врвот, Вавринка со најголем скок

27.01.2014 13:22

По завршување на првиот ’’Грен слем’’ во 2014 година, меѓународната тениска федерација (ITF) ...

По завршување на првиот ’’Грен слем’’ во 2014 година, меѓународната тениска федерација (ITF) ја објави најновата ранг листа на најдобрите светски тенисери. И натаму на АТП листата светски рекет број 1 останува Рафаел Надал, со тоа Шпанецот значително ја зголеми разликата во однос на второпласираниот, Новак Ѓоковиќ. Со пласманот во финалето, популарниот ’’Рафа’’ има 14.330 поени, или 1.200 повеќе од пред ’’Австралија Опен’’. Сосема спротивно од него, српскиот тенисер сега има 10.620 поени, или 1.640 помалку од пред две седмици, по поразот во четвртфиналето на турнирот, кој го освојуваше минатите три сезони. Сега Надал има дури 3.710 поени повеќе, со што шпанскиот ас ќе ужива подолго на најпосакуваната позиција.

Далеку зад водечкиот тандем, но со најголем скок во Топ 10, е победникот во Мелбурн, Швајцарецот Станислас Вавринка. Со својот прв триумф на турнирите од големата четворка, од осмата позиција профитираше за пет места, и сега е трет на листата со 5.710 поен, или 1.820 повеќе од минатиот ранкинг.

На четвртата позиција е Аргентинецот Хуан Мартин Дел Потро, кој напредуваше за едно место, на сметка на Шпанецот Давид Ферер, и на Британецот Енди Мареј, кои паднаа за по две места. Меѓу најдобрите десетмина, две места подолу е и Рожер Федерер, кој како втор Швајцарец во елитата котира на осмата позиција, а другите тројца се со идентичен пласман, како и пред турнирот.Чехот Томас Бердих е на седмото место, како и Французинот Ришар Гаске, кој е деветти, пред својот сонародник, Жо Вилфред Цонга.  

На ВТА листата, Американката Серена Вилијамс останува тешко достижна со 1300поени, речиси двојно повеќе од Белорусинката Викторија Азаренка. Победничката На Ли од Кина е на третата позиција, а Агнешка Радванска од Полска веднаш зад неа, на четвртата. На сметка на  нивниот напредок, Русинката Марија Шарапова која е петторангирана, и загуби две позиции во однос на минатото рангирање. Според очекувањата, најголем скок оствари финалистката во Мелбурн, Доменика Цибулкова, која од 24 – то место пред две недели, сега е на 13 – та позиција, со амбиции наскоро да се најде и меѓу најдобрите 10.