Мирни празници за дежурните медицински тимови

03.05.2016 10:30

Дежурните тимови на итната медицинска помош велат дека Велигденските и Мајските празници минале невообичаено мирно. Не се претерувало со храната и со алкохолот, се внимавало и зад воланот. Кога се во прашање сообраќајните несреќи, лекарите интервенирале во само еден случај...

Невообичаено мирно минале празниците за дежурните медицински тимови. Во брза помош за првомајските празници имале деведест интервенции, мал дел биле итни и ургентни повици. Регистрирана е само една сообраќајна несреќа. Лекарите велат, граѓаните биле дисциплинирани зад воланот, но и на празничната трпеза.

„Се очекуваше да имаме повеќе интервенции, како во минатите години, поради злоупотребата на алкохолот, возење под дејство на алкохол, а последиците се тешки сообраќајни несреќи, со тешки повреди. Оваа година имавме регистрирано само една сообраќајна несреќа за 1 мај, што е добро“, изјави д-р Василаки Карабашев - Брза помош.

Ниту на токсикологија немало граѓани кои побарале лекарска помош поради алкохолно труење или прекумерно количество храна за празниците. Докторите интервенирале само кај заболувања од други ургентни состојби.

„Ноќта мина мирно, особено во делот со труење од алкохол, компликации од прејадување по постењето, па и првомајската скара и се што беше вклучено во духот на празникот од вчера. Да се надеваме дека празникот ќе заврши во духот на христијанската религија и во умереноста од консумирање  се што би го преоптоварило нашиот организам“, вели д-р Жанина Переска- Клиника за токсикологија.

Лекарите велат- се чини граѓаните сепак извлекле поуки како да се однесуваат на празничната трпеза.

 

Андријана Атанасовска