Нови спортови на ЗОИ во Сочи

Во санкањето и екипна штафета!

27.01.2014 13:27

Нова олимписка дисциплина почнувајќи од Сочи добива и санкањето...

Нова олимписка дисциплина почнувајќи од Сочи добива и санкањето. Тоа ќе биде екипен натпревар многу сличен на штафетните трки во пливањето, со тоа што во овој зимски спорт селекциите ќе ги сочинуваат една санкачка, еден санкач и една двојка.

Сите тие ќе се пуштаат низ патеката еден по друг. Штом санкачката ја мине целната линија, со удар врз сензор ќе ја активира стартната капија за санкачот. На истиот начин и тој потоа ќе овозможи да стартува и двојката од неговиот тим. Ќе се мери вкупното време коешто ќе го постигнат сите учесници, дури откако тандемот санкачи ќе минат низ целта.

Екипниот натпревар во санкање е веќе дел од Светскиот Куп, а сега конечно ќе има и олимписко деби. Ќе биде проверка на вистинскиот квалитет со којшто располагаат земјите учеснички во овој карактеристичен спорт. Има традиција на Олимпијадите од Инсбрук во 1964. Досега се состоеше од поединечни натпревари во двете конкуренции и од натпревар во двојки, коишто досега секогаш беа мажи.

Изразита доминација во санкањето имаат натпреварувачите од Германија. Тие ќе бидат фаворити за медали во сите дисциплини и во Сочи, вклучувајќи го и новото екипно натпреварување.