Продолжува граничната контрола во Шенген зоната, Турција ќе добие условен безвизен режим

03.05.2016 12:59

Европската унија се подготвува да им дозволи на земјите членки продолжување на граничната контрола во Шенген зоната поради бегалската криза и неодамнешните напади. За Турција се подготвува условен безвизен режим за да може да се контролира миграцијата...

Европската комисија ќе ѝ даде на Турција условна дозвола за безвизен режим во рамките на Шенген- зоната, откако Турција се согласи да ги врати бегалците што дошле во Грција преку Егејско Море. Од Турција се бара да ги исполни критериумите на Унијата, а договорот за оваа дозвола треба да биде одобрен од Европскиот парламент и од земјите членки. Унијата стравува дека без договор за визен режим, Турција нема да ја контролира  миграцијата.

Во меѓувреме, Германија, Франција, Австрија, Данска и Шведска побараа засилена контрола на граничните премини поради бегалската криза и неодамнешните напади. Нападите во Брисел и Париз се доказ дека терористичките групи веројатно се обидуваат да ги злоупотребат местата каде што нема гранична контрола.

Добро е и што други земји покрај Данска се свесни за проблемот. Се надевам дека комисијата ќе не сфати сериозно овој пат. Мора да се заштитиме од Исламска држава која ја користи ситуацијата со граничните премини“, вели Ингер Стојберг, министер за имиграција и интеграција.

Ова е шести пат Данска да ја продолжи контролата на границата со Германија. Лани неколку земји од шенгенот повторно воведоа гранична контрола поради зголемениот број бегалци.

Инаку, според правилата на ЕУ, земјите може да воведат повторно контрола најмногу до две години во периоди од максимум шест месеци во вонредни услови кога безбедноста на границите е загрозена.

Шенгенскиот договор е склучен во 1985-та, а е проширен во 1990-та година, и овозможува напуштање на граничните контроли меѓу земјите потписнички.