ЕК: Македонската економија со раст од 3,5% во 2016-та и 2017-та
Во пролетните предвидувања, предмалку објавени во Брисел, се нагласува дека растот ќе биде во најголема мерка поттикнат од домашната потрошувачка.

Еврокомесарот за економски и финансиски прашања Пјер Московици во Брисел ги претстави пролетните прогнози за еврозоната, економиите на земјите- членки и за земјите- кандидатки.
Европската комисија очекува македонската економија да расте во оваа и во идната година со стапка од 3,5%. Во пролетните предвидувања, предмалку објавени во Брисел, се нагласува дека растот ќе биде во најголема мерка поттикнат од домашната потрошувачка.
Стапката на невработеност ќе продолжи да опаѓа до 24,7% во оваа, и 23,5% во 2017-та. Европската комисија очекува македонскиот извоз годинава да се зголеми за 6,8%, односно 7 насто во 2017-та. Истовремено увозот ќе расте побавно, со стапка од 5,3% годинава, односно 5,5 во 2017-та.
