Холанѓаните ја отворија туристичката сезона во Охрид
На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ пристигна првата група туристи од земјите на Бенелукс. Се очекува годинава во Македонија да допатуваат над дваесет и пет илјади туристи од Холандија и Белгија преку туроператорите „Корендон“ и „ТУЈ Арке Травел“, кои како и лани ќе остварат најголем број ноќевања...

Првата група од 180 холандски туристи со чартер лет претпладнето допатува на охридскиот аеродром. Гостите кои ја отворија годинашната туристичка сезона беа дочекани со воден мост во форма на виножито, традиционална македонска закуска, пијалоци и торта. Дел од гостите веќе биле во Македонија и повторно се враќаат пред се поради гостопримството, добрата храна, климата, природните убавини и богатото културно историско наследство.
„За Охрид слушнав од луѓе од Македонија, овде доаѓам по втор пат, но овој пат со мојата девојка. Ми се допаѓаа прекрасното езеро и убавините заштитени од Унеско.“
„Мојот пријател многу ми зборуваше за Охрид, ми покажа бројни фографии, бев многу љубопитна, посакав да дојдам и да ги видам убавите со свои очи.“
„Некои мои пријатели веќе беа овде на одмор, а се вратија полни со импресии. Денес ќе одам на параглајдинг, а и останатите денови ќе ги поминам авантуристички, ќе биде забавно.“
„Мојата снаа е родена во Македонија затоа и неколку пату сум ја поосетувал. Но прв пат сум во Охрид. Очекувам убав престој, покрај уште поубавите жени кои ги има тука“, велат дел од туристите кои ги анкетиравме.
Само преку Туроператорот „Корендон“ и локалниот партнер „Фибула травел“ од земјите на Бенелукс во Македонија се очекува да допатуваат околу 15 илјади туристи. Ако на тоа се додадат и гостите што ќе дојдат преку другиот холандски туроператор „ТУЈ Арке Травел“, вкупниот број на туристи од тие земји ќе биде над 25 илјади.
„Оваа година ќе биде година во која што ќе ги подобруваме нашите услуги, нашиот третман кон луѓето кои доаѓаат од Холандија и ќе ги презентираме убавините кои ги има Охрид и целата наша држава“, изјави Асим Меџедовиќ- менаџер на „Фибула Травел“.
„Ги уверувам сите присутни дека ќе го направиме најдоброто од нас , гостите во Охрид да се чуствуваат безбедно, а нивниот престој да помине незаборавно“, рече охридскиот градоначалник Никола Бакрачески.
„Ги додадовме ова лето и линиите со Ер Србија која ќе лета три пати неделно од овој месец, а исто така ќе го зголемиме и бројот на летови, со чартер линиите пред се од Израел, како и од Амстердам и Белгија“, вели директорот на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.
До почетокот на шпицот на туристичката сезона тур-операторот „Корендон“ ќе има два чартер лета неделно, во вторник и во петок, а во јули и август ќе биде додаден уште по еден лет во истите денови од неделата. Заедно со ТУЈ Арке Травел се очекува годинава во Охрид да долетаат над 150 авиони со туристи од земјите на Бенелукс.
Сашо Нелоски
