Освојување на азиските пазари
27.01.2014 13:50
Пазарите во Југоисточна Азија се скоро 7 пати поголеми во однос на Европската унија ...

Пазарите во Југоисточна Азија се скоро 7 пати поголеми во однос на Европската унија и треба да бидат нареден предизвик за домашните компании. Експертите се убедени дека имаме добри и атрактивни брендови, но потребно е компаниите да бидат поагресивни во промоцијата и во почетокот да настапат организирано.
„Овие земји имаат 4,2 милијарди потрошувачи, а ЕУ само 650 милиони. Дефинитивно имаме можност да ги освоиме овие пазари ,затоа што имаме квалитетни и атрактивни производи, но треба да бидеме поупорни и поагресивни.”-смета Владимир Ковчегарски од ,,Советот за надворешна трговија Македонија -Азија-Пацифик”.
Најмногу можности за успешен пласман имаат прехранбените и земјоделските производи и виното. Домашните компании треба да се фокусираат на 5 земји: Филипини, Индонезија, Малезија, Виетнам и Тајланд. Но треба да се почитуваат одредени правила и процедури специфични за овие пазари.
„Пред се тоа се Халал стандардот што се бара на овие пазари, но потребно е да се најде и силен стратегиски партнер. Проблем може да биде и говорната бариера, затоа што слабо се користи англискиот јазик.” –вели Душко Угриноски од „Трипл С Груп“.
Експертите се едногласни. Најлесен пат за освојување на азиските пазари е организиран настап на најголените саемски манифестации со поддршка на коморите и на државата, како и поврзување со силен локален партнер кој најдобро ги познава локалните даночни и царински процедури, како и потребите на потрошувачите.
Свето Николовски
