ЕК очекува раст на македонската економија од 3,5%

03.05.2016 16:18

Еврокомесарот за економија и финансии Пјер Московици во Брисел ги презентира пролетните економски прогнози за Еврозоната, земјите-членки и за земјите-кандидатки. Се очекува умерен раст поддржан од ниската цена на нафтата и поволниот курс на еврото.

Европската комисија очекува македонската економија да расте во оваа и во идната година со стапка од 3,5%. Во пролетните предвидувања се нагласува дека растот ќе биде во најголема мерка движен од домашната потрошувачка. Стапката на невработеност ќе продолжи да опаѓа до 24,7 % во оваа и 23,5 во 2017-та. Инфлацијата ќе остане ниска до 1,1% во 2016-та и 1,4 % во наредната година.

Европската комисија очекува македонскиот извоз годинава да се зголеми за 6,8% односно 7 насто во наредната. Истовремено увозот ќе расте побавно, со стапка од 5,3% за годинава, односно 5,5 насто во 2017-та. Европската економија очекува скромен раст од 1,8% во 2016-та придвижен  од ниската цена на нафтата и поволниот курс на еврото, и поддржан со мерки на монетарната политика и зголемување на јавните инвестиции. Еврокомесарот Пјер Московици очекува зголемување на јавните издатоци и намалување на јавниот долг.

„Не гледам автоматска корелација меѓу јавните инвестиции и јавниот долг. Јавниот долг е непријател на јавните инвестиции и доколку чини повеќе , помалку ни останува за интелигентни услужни дејности. Целосно сум убеден дека е клучен квалитетот на јавните расходи. Треба да се донесат одлуки за иднината, кои ќе влијаат на човечкиот капитал, образованието и на научните истражувања. Тоа мора да биде приоритет“, рече Московици.

Највисоки стапки на раст од 4,9 односно 4,2 насто ќе имаат Ирска и Романија, следуваат Малта, Полска, Луксембург и Словачка со стапка од 4,1 до 3,2. Главен предизвик за Унијата останува невработеноста која е најизразена во Грција, Шпанија и Хрватска.

Еврокомесарот Московици посакува сигурен економски раст, намалување на јавниот долг, сведување на буџетскиот дефицит под 3% од БДП и зголемување на инвестициите.  

 

Свето Николовски