Трамп- претседателски кандидат на Републиканците
По прелиминарните избори во Индијана, Доналд Трамп е поблиску до номинацијата за претседателски кандидат на Републиканците. Кај Демократската партија остануваат двајцата кандидати, сенаторот Берни Сендерс и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон.

Со убедливата победа во американската сојузна држава Индијана и повлекувањето на противкандидатот Тед Круз, Доналд Трамп стана неофицијално претседателски кандидат на Републиканската партија. Неговата номинација треба да биде потврдена на конвенцијата при крајот на јули, но тој веќе најави дека ја насочува кампањата против кандидатот на Демократите, Хилари Клинтон.
„Со тешко срце, но со неограничен оптимизам за долгата иднина на нашата нација, ја суспендираме кампањата. Но не ја запирам борбата за слобода“, изјави Тед Круз-претседателски кандидат на Републиканската партија.
„Отидеме по Хилари Клинтон. Таа нема да биде голем и добар претседател. Таа ќе биде лош претседател. Не ја разбира трговијата“, рече Доналд Трамп.
Кај Демократската партија, битката станува неизвесна помеѓу сенаторот Берни Сендерс којшто победи во Индијана и поранешата државна секретарка Хилари Клинтон. Сендерс најави дека ќе се обиде да ја оспори номинацијата на Клинтон на демократската конвенција.
„Причината зошто оваа кампања ќе победи е бидејќи правиме нешто многу необично во современата американска политика, ја кажуваме вистината“, изјави Берни Сендерс- претседателски кандидат на Демократската партија.
„Ќе направам се што можам за да помогнам. Нема да ветувам и да кажувам дека се ќе биде совршено, затоа што имаме работа за да стигнеме дотаму, за да вашите ќерки и синови можат да кажат дека имаат иднина“, рече Хилари Клинтон- претседателски кандидат на Демократската партија.
Во обид да освојат што е можно повеќе поддршка, претседателските кандидати се фокусираат на економијата, безбедноста и враќањето на лидерската улога на САД во светот.
Според најновите анкети, 80 проценти од американските гласачи сметаат дека Доналд Трамп и Хилари Клинтон ќе бидат кандидатите на Републиканската и Демократската партија на претседателските избори во ноември.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
