Хан: Важно е да има избори кои ќе бидат прифатени од меѓународната заедница
Еврокомесарот Јоханес Хан е сѐ уште уверен дека договорот од Пржино има иднина...

„Финалната битка е да има избори во Македонија, кои ќе бидат прифатени од меѓународната заедница“- вели еврокомесарот Јоханес Хан во интервју за „Радио Слободна Европа“. Хан е сѐ уште уверен дека договорот од Пржино има иднина.
„Имавме искуство кога вообичаено сите различни рокови беа исполнети како што првично беа договорени, или малку подоцна. Затоа финалната битка е да има избори. Но, јас мислам дека она што е важно е да се одржат избори кои ќе бидат прифатени од меѓународната заедница. Тоа значи дека мора да има чист избирачки список, мора изборите да бидат без заплашување кандидати, партии, лица. Тоа е она што е важно во моментов“, рече Хан во интервјуто.
Тој додаде дека исто така е важно да се зачува евроатланската перспектива и оти во моментов изгледа дека различните политички партии се способни да постигнат согласност сами. Притоа, како што рече, ЕУ е подготвена да го олесни тоа.
