ЕК пред конечна одлука за укинување на визниот режим за турските државјани
Европската комисија денеска ќе соопшти дали Анкара ги исполнила критериумите за укинување на визниот режим за турските државјани. Унијата, пак, се подготвува да ја продолжи граничната контрола поради зголемениот наплив на бегалци...

Европската комисија ќе ја соопшти конечната одлука за тоа дали Анкара ги исполнила критериумите за укинување на визата за турските државјани. Брисел продолжува со истото темпо за да се испочитува договорот за бегалците меѓу Турција и ЕУ чијашто цел е да ја ублажи најтешката бегалска криза во Европа по Втората светска војна.
Граѓаните во Истанбул го поздравија потегот со кој би им се олеснила сложената процедура за добивање виза.
„Ако се укинат визите, ќе патувам почесто. Последната виза ми траеше само 6 месеци. Искрено, не сум оптимист дека ќе сменат нешто.“
„Со визната либерализација ќе ни се забрзаат процесите. Ќе треба само да направам план и да купам авионски билет. Во спротивно, мора да вадам и виза пред сето тоа“, велат жители на Истанбул.
Во меѓувреме, Турција се согласи да ги укине визните ограничувања за граѓаните од ЕУ, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на кипарските Грци, иако и натаму не сака да го признае Кипар. Поради зголемениот број бегалци од Блискиот Исток и неодамнешните напади во Европа, визната либералцизација за државата со 79 милиони жители е спорно прашање. Ставовите во Европскиот парламент се неусогласени.
„Треба да воведеме контрола за да имаме евиденција за тоа кој влегува во Европа и времетраењето на нивниот престој овде“, изјави Манфред Вебер, ЕПП.
„Европа не функционира како што треба. Одговорноста ја префрламе на Турција и на Грција, а згора на тоа, ги занемаруваме оние на кои најмногу им им требаат заштитата и помошта, бегалците од воените подрачја“, смета Ска Келер, Партија на зелените.
Некои членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, ги засилија контролите на границите. Заедно со Франција, Австрија, Данска и Шведска, Берлин испрати писмо до ЕК за продолжување на контролата во Шенгенот.
Според правилата на ЕУ, земјите може да ја вратат контролата на границите најдолго две години во периоди од по максимум 6 месеци доколку постои опасност. Враќањето на граничните контроли во Европа каде што се патува без пасош би чинело до 18 милијарди евра годишно.
