В четврток стартува 50- та Минхенска безбедносна конференција!

27.01.2014 14:39

В четврток попладне, со свечено обраќање на сојузниот германски претседател Јоахим Гаук...

В четврток попладне, со свечено обраќање на сојузниот германски претседател Јоахим Гаук, стартува јубилејната 50-та по ред Минхенска безбедносна конференција и ќе трае до 2 февруари . Според претседавачот Волфганг Ишингер, „најомилен дел од дневниот ред“ му е панелот посветен на решавање на отворените конфликти  и се радува што на бината ќе се најдат претставници на Србија и на Косово. Зошто на истото место нема да се дискутира и за спорот за името меѓу Македонија и Грција, открива Ишингер за Дојче веле:

„Уште пред неколку месеци сондирав дали може да има интерес од грчката и од македонската страна на Минхенската безбедносна конференција заеднички да информираат за состојбата на македонско-грчките преговори околу спорот за името. Оваа идеја, меѓутоа, не наиде на возвратна ’љубов’. Може да имаме идеи, да испратиме покани, но не може да ги присилиме луѓето да учествуваат на ваква дискусија. Така, на годинашната Минхенска конференција нема да има дискусија за оваа тема. Жал ми е, но така е“, изјавил претседавачот на Минхенската безбедносна конференција  Волфганг Ишингер за Дојче веле.

Инаку, на 50-тата јубилејна Конференција за безбедност во Минхен, освен за глобалната безбедност и трансатлантските односи, ќе се разговара и за Сирија, Украина, Иран, сајбер криминалот и секако за аферите околу прислушувањето. На конференција ќе учествуваат 20 шефови на држави, над 50 министри за надворешни работи и за одбрана, 40 пратеници од Бундестагот и уште толку претставници на стопанството. Македонија ќе ја претставува шефот на дипломатијата Никола Попоски.

Лидија Чакар