Голем пожар во Канада: Пламени јазици голтаат цели населби
Голем шумски пожар во Канада. Се заканува да проголта цели населби и градови. Индустрискиот град Форт Мекмари е целосно евакуиран. Ова е најмасовната евакуација во историјата на Алберта...

Слика како од хорор филм. Црн чад и пламени јазици голтаат сѐ пред себе. Шумскиот пожар во канадската провинција Алберта се прошири на градот Форт Мекмари. Евакуирано е целото население. Неизвесна е судбината на речиси 100 илјади жители. Дел од нив веќе изгубија сѐ.
„Огнот се прошири преку реката. Буквално имавме само 2 минути да земеме тоа што ни е најпотребно и да заминеме.“
„Ова е катастрофа. Не е фер. Не ни дозволија да земеме ништо, пожарот веќе беше проширен. Изгубивме сѐ. Го имаме само она што остана на нас.“
„Сѐ што заработив во изминативе 2 години сега замина во црниот чад“,сведочат жителите на градот.
Пожарот кој веќе проголта неколку населби успешно беше држен под контрола јужно од градот до понеделникот, но поради североисточниот ветер набрзо се прошири. Во моментот гори на неколку места во градот – информираат од противпожарната служба. Патиштата кои водат надвор од него се пренатрупани со возила.
„Во моментов се фокусираме само да им обезбедиме потполна и целосна безбедност на луѓето, да бидат сигурни. Не сме забележале ниту едно повредено лице, ниту еден смртен случај. Правиме сѐ што можеме да го запреме огнот“, изјави Рејчел Нотли, премиер на провинцијата Алберта, Канада.
Ова е најголемата евакуација во историјата на провинцијата Алберта. Засега е обезбедено место за згрижување на 6.000 луѓе. Властите прават напори за место повеќе. Во ова време на годината, Алберта е потполно сува област што дополнително создава услови за ширење на пожарот. Се очекува и засилување на вертот што ќе го направи гаснењето уште потешко. Покраината ја погоди суша, а температурниот рекорд е речиси 30 степени.
Бојана Крстевски
