НБРМ ја затегна монетарната политика

04.05.2016 15:55

Централната банка ја зголеми каматната стапка на благајничките записи. Причина- зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките...

Централната банка ја реализира најавата на гувернерот и го поскапе позајмувањето пари. Донесе одлука за кревање на референтната каматна стапка за 0,75 процентни поени. Наместо досегашните 3,25, каматата на благајничките записи е крената на 4% на годишно ниво. Народна банка потврди дека причина за зголемувањето се факторите од неекономска природа.

„Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата“, велат од Централната банка.  

Централната банка смета дека економските основи се здрави и без присуство на поголеми нерамнотежи во домашната економија, што упатува на солиден економски и кредитен раст. Во прилог одат и ниската цена на суровата нафта на светските берзи и поволниот курс на еврото што влијае позитивно врз конкурентоста на странските пазари. Дефицитот во тековната сметка се оценува како умерен, а промените во извозната структура овозможуваат зголемени извозни приливи за негово финансирање. Девизните резерви се на потребното ниво, а Централната банка најавува внимателно следење на економските текови и доколку е потребно ќе направи дополнителни промени во монетарната политика.

Универзитетскиот професор Сашо Кожухаров смета дека причина за корекцијата е таканаречениот ризик на репутација, а мерката ќе биде на краток рок. Ќе предизвика благо зголемување на активните и на пасивните каматни стапки и соодветно затегнување на одобрувањето нови кредити кај банките.

За стручната јавност ова е очекуван потег на Централната банка, по зголемувањето на побарувачката за девизи на менувачкиот пазар и нервозата кај штедачите предизвикана од политичката криза. Со овој потег ќе се направи поатрактивно штедењето во банките што ќе овозможи натамошно зголемување на депозитната база што е основа за раст на кредитирањето. Истовремено ќе поскапе и задолжувањето на државата кај домашните банки.

Вчера Европската комисија објави дека очекува раст на македонската економија од 3,5 насто во оваа и во наредната година, натамошно намалување на невработеноста и умерено зголемување на јавниот долг. Според пролетната прогноза, Македонија е рангирана како петта, зад Ирска, Романија, Малта и Полска.

 

Свето Николовски