Скратен рок за надомест на штети во сообраќајки

04.05.2016 16:05

На побрз и поефикасен начин ќе се решаваат споровите меѓу учесниците во сообраќајни несреќи, направени на македонски државјани во Србија. Со потпишувањето на спогодбата, преку зелениот картон, без дополнителен надомест ќе се обезбедат документите и доказите. До крајот на годината, ваква спогодба ќе биде потпишана и со Хрватска и со Бугарија...

Возачите учесници во сообраќајни несреќи отсега на побрз и поефикасен начин ќе ги регулираат правата. Националните бироа на Македонија и Србија потпишаа Спогодба. Со неа се предвидува, возачите кои претрпеле штета на територијата на другата држава, по враќањето во матичната земја, да побараат од Бирото целосно да им ја комплетира документацијата, на трошок на институцијата.

Ваквата регулација на постапката се прави по европски терк, претходно решавањето на ваквите случаи траеле долго и биле на трошок на лицата- учесници во сообраќајна незгода.

Македонија има спогодби со Грција, Турција, Словенија, Црна Гора. Ова дополнително треба да ја унапреди соработката, транзитот и туризмот меѓу земјите.

Националното биро на Македонија планира до крајот на оваа година да потпише договори и со Хрватска и Бугарија.

 

Дијана Ценевска