Договорот од Пржино има иднина- изборите се финална битка

04.05.2016 16:22

„Договорот од Пржино има иднина – најважно е да се одржат избори кои ќе бидат прифатени од меѓународната заедница“ - вели еврокомесарот Хан за последните случувања во земјава. Германската амбасадорка во земјава, пак, вели дека охрабруваат информациите дека партиите преговараат...

Јунско- јулскиот договор има иднина, изборите се финалната битка, но тие треба да бидат прифатени и од меѓународната заедница, вели во интервјуто за Радио Слободна Европа, еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Австрискиот дипломат уште еднаш повтори, земјава мора да остане на патеката на евроатлантската перспектива и дека покрај протестите, договорот постигнат во резиденцијата на евроамбасадорот Орав во Скопје треба докрај да се исполни.

„Имавме искуство кога вообичаено сите различни рокови беа исполнети како што првично беа договорени, или малку подоцна. Затоа финалната битка е да има избори. Но, јас мислам дека она што е важно е да се одржат избори кои ќе бидат прифатени од меѓународната заедница. Тоа значи дека мора да има чист избирачки список, мора изборите да бидат без заплашување кандидати, партии, лица. Тоа е она што е важно во моментов“, изјави еврокомесарот Хан.

Европската комисија е подготвена да им помогне на водечките партии во земјава да се оствари договореното, за што, според еврокомесарот има знаци во моментов на постигнување согласност меѓу нив. За текот на овие разговори меѓу партиите, говори и дипломатската претставничка на официјален Берлин. Германската амбасадорка потсетува дека и покрај заложбите и асистенцијата од меѓународната заедница, македонските политичари се тие кои треба да изнајдат решение за состојбата во земјата.

„Ние сме вклучени веќе неколку месеци, се обидуваме да помогнеме, но на крајот, на македонските политичари е да најдат решение. Слушнав дека се во тек разговори и тоа е добар знак, но за исходот од тие разговори не можам ништо да кажам, затоа велам дека сѐ е во рацете на политичарите на оваа земја да најдат решение и стегам палци за тоа да се случи“, изјави германската амбасадорка Кристине Алтхаузер.

Вчера во Штип, американскиот амбасадор Бејли потврди дека се во постојана комуникација со лидерите на политичките партии, за што навести скорешно информирање на јавноста.

 

Зоран Богатинов