Канада: Прогласена вонредна состојба поради големиот пожар во Алберта

05.05.2016 12:34

Во градот Форт Мекмари се евакуирани 100.000 жители, а оштетени се над 1.600 објекти. Федералната влада ги мобилизираше војската и пожарникарите за спасувачката операција во Алберта. Побараа помош и од граѓаните на Канада.

Властите на канадската провинција Алберта прогласија вонредна состојба поради големиот пожар. Досега се хоспитализирани 105 луѓе. Во градот Форт Мекмари се евакуирани 100.000 жители, а оштетени се над 1.600 објекти. Федералната влада ги мобилизираше војската и пожарникарите за спасувачката операција во Алберта. Побараа помош и од граѓаните на Канада.

„Ве молам донирајте што можете во Црвениот крст, се може да биде од полза на луѓето“, изјави канадскиот премиер, Џастин Трудо.

„Ситуацијата се влошува. Треба да го изгаснеме огнот, да ги евакуираме луѓето, да им помогнеме, дадеме се што им треба, сѐ треба да направиме веднаш“, изјави Ралф Гудејл, министер за безбедност.

Во гаснењето на пожарот учествуваат 200 пожарникари, девет пожарникарски авиони и десетина хеликоптери. Граѓаните кои успеале да зачуваат нешто собираат донации за оние кои загубиле се. Огнот уништи површина од 7.500 хектари. Ветрот и високите температури не оставаат простор за оптимизам кај граѓаните.

„И реков на сопругата дека ќе го снема градов... Насекаде има само пепел, ве печат очите, јасно е дека е време да бегате... Знам дека ќе станува се полошо. Ветрот се засилува, па штетата ќе биде поголема“, велат жителите.

Ова е најмасовната евакуација досега во Алберта. Нафтените компании кои работат во областа го прекинаа производството. Форт Мекмари го нарекуваат „порта кон север“, регион со третиот по големина нафтен резервоар во светот, веднаш по Саудиска Арабија и Венецуела. Метеоролозите најавуваат пад на темпратурата, но движењето и јачината на ветрот ќе бидат одлучувачки фактор за ширењето на огнот.