Претседателот Иванов ги одликува припадниците на безбедносните сили на МВР

05.05.2016 13:53

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги одликува Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи со „Орден за воени заслуги“. Претседателот ги одликува посмртно со „Медал за храброст“ осумтемина припадници на безбедносните сили на МВР кои загинаа на 9-ти мај 2015 година, при антитерористичката операција во Куманово.

„Орден за воени заслуги“ за полициските единици за специјални задачи „Тигар“ и за брзо распоредување, а посмртно „Медал за храброст“ за осумтемина припадници на безбедносните сили кои лани на 9 мај, загинаа при антитерористичката операција во кумановската населба „Тоде Мендол“.

Претседателот Иванов ги додели признанијата за особени заслуги и за исклучителен придонес во зачувувањето на суверенитетот и на територијалниот интегритет на земјата, како и за зацврстувањето на националната безбедност и сигурноста на граѓаните.

Чувајќи ги јавниот ред и мир, спречувате насилно уривање на институциите, но го заштитувате и имотот на граѓаните, рече шефот на државата, обраќајќи се на припадниците на македонската полиција.

„И на овој план се соочувате со предизвици. Знам дека нема ништо потешко од тоа да се биде напаѓан од своите сограѓани, за чиј мир и безбедност го ризикувате животот. Во ниту еден момент не се сомневам во вашата висока лојалност кон државата, а државата се институциите и граѓаните, независно од нивната етничка, верска, јазична, политичка или која било друга припадност“, рече претседателот Ѓорге Иванов.

Како претседател и врховен командант, често се соочувам со тешки одлуки, вели Иванов, но како што рече, нема потешка одлука од посмртно одликување на припадници на безбедносните сили.

Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, ги положија животите на браникот на татковината. Со својата жртва спречија терористички напади и дестабилизација на земјата.

„Времето е и најдобар учител. Сите ние треба да ја научиме лекцијата од Куманово, што е многу скапо платено, а тоа е дека поделбите и раздорот не прават послаби и поранливи. Пожртвуваноста на нашите херои треба да биде предупредување до сите учесници во политичкиот живот во Македонија, но и фактор на обединување. Крајно време е да го отфрлиме духот на поделбите, нетрпеливоста и омразата кон политичкиот противник и конечно да се помириме и сплотиме околу државниот интерес“, нагласи претседателот Иванов.

Граѓаните не треба да ја губат вербата во македонската полиција, а државата има сила да ги надмине поделбите, вели првиот човек на Бирото за јавна безбедност.

„Македонската полиција е максимално посветена на зајакнување на сопствените капацитети за справување со сите безбедносни ризици“, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност, Горанчо Савовски.

Специјалната единица „Тигар“ и единицата за брзо распоредување заедно со припадниците на АРМ, ја носат тежината и на бегалската криза. Распоредени се на јужната граница, како чувари на суверенитетот на државата, но и на портите за влез во Европа.

 

Милчо Велески