„Евгениј Онегин“ за старт на Мајските оперски вечери
44-тото издание на мајските оперски вечери се отвора в понеделник со премиера на операта „Евгениј Онегин“ во режија на Дејан Пројковски, а под диригенстка палка на Саша Николовски-Ѓумар.

Со премиера на операта „Евгениј Онегин“ од Чајковски, во режија на Дејан Пројковски, на 9-ти мај се отвораат Мајските оперски вечери. По пауза од 34 години, на сцената на Македонската опера и балет се поставува оваа претстава.
Баритонот Иван Наумовски, вели дека се обидел да најде сосема свој Онегин. Автентичен и различен од она што го гледал на сцена или на филм.
Се занимаваме со љубовта и страдањето на Онегин. Направивме жестока оперска претстава, благодарение на сите солисти во неа, рече режисерот Пројковски.
На програмата на 44-тото фестивалско издание се 15 настани, од кои 10 за возрасната публика, а 5 во придружната едукативна програма мали мајски оперски вечери. Годинава ќе има две балетски претстави „Лебедово езеро“ и „Заспаните убавици“.
На програмата се и два концерта, хорот од Белград „Вива Вокс“ и гала концерт под диригенство на Мориц Гнан од Германија со солисти од Русија, Хрватска и САД.
Со вердиевата „Аида“, со гости од Хрватска, Италија, Казахстан и Јапонија, традиционално на 31-ви се затвораат Мајските оперски вечери.
Александра Перевска
