Петир: На Македонија не ѝ требаат тутори
Изборите во Македонија веќе не треба да се одложуваат, а за исполнетост на условите за избори единствено надлежна е да се изјасни Државната изборна комисија, а не некој однадвор, изјави хрватската европратеничка Маријана Петир пред почетокот на дебатата за политиката на проширување на ЕУ, која порача дека на Македонија не ѝ треба мешање од надвор...

Македонија одамна ги исполни условите за отворање преговори со ЕУ, и ако Европскиот совет продолжи со политиката која ја води сега, ќе покаже дека во него не може да се има доверба. Знаеме дека во ова тело, Грција постојано ја попречува Македонија, вели европратеничката од Хрватската селанска партија, Маријана Петир, која денеска во Скопје дебатираше за перспективите на европското проширување. Земјата одамна го заслужи тоа, но сега ја отежнуваат и внатрешно-политичките проблеми, смета Петир, и затоа македонските политичари се одговорни за сопствениот народ за да постигнат единство. Да го надминат тоа што ги раздвојува, и да го осознаат тоа што ги спојува, за да се избегне надворешното мешање.
„Мислам дека на македонија не ѝ требаат никакви тутори. Мислам дека Македонија, македонските политичари и македонскиот народ се доволно способни да ја водат сопствената внатрешна политика. Постои ДИК, ја повикувам ДИК да се изјасни дали избирачките списоци се во ред, и дали сте подготвени за избори или не сте. Дали некој се сомнева во работата на ДИК. Мислам дека постапката за нивното назначување од власта, опозицијата и од експертите е веродостојна и чесна. ДИК е овластено тело и за тоа треба да излезе во јавноста, а не да зборува некој од страна. Ниту јас, ниту некои претставници на странски земји“, вели Петир.
Условената препорака за преговори е преседан, и оттаму договорот треба да се почитува и веќе да не се одложуваат изборите. Во моментов на Македонија, според хрватската европарламентарка, и треба поинаква политичка помош од сегашната.
„ЕУ не може да носи никакви санкции, вие сте независна и суверена држава, имате свој Устав. Јас ја повикувам ЕУ да ѝ помогне на Македонија. Пријателството се покажува кога ќе се сопнете, кога ќе паднете, да ве подигнат, да им се даде добар совет, а не да ве препнат уште повеќе. Такашто никакви санкции не доаѓаат предвид“, нагласува Петир.
Пријателката на Македонија во Европскиот парламент оцени и дека земјава навремено реагираше за да ги спречи последиците од бегалската криза, ги одбрани надворешните граници на Унијата, во време кога некои европски членки не го сторија тоа.
Зоран Богатинов
