Нов ЕЕГ апарат во Заводот за ментално здравје

05.05.2016 16:12

Вредноста на апаратот е околу 1,5 милион денари...

Апарат значаен за дијагностицирање и следење на епилепсија, промени кај децата со аутистичен синдром, увид во интелектуалните и психомотрните способности кај дете, доби заводот за ментално здравје. Вредноста на апаратот е околу 1,5 милион денари. Освен во Скопје вакви апарати има и во болниците во Штип и во Кавадарци.

На овој апарат се прават испитувања и дијагностика на деца до 18 години. Такви испитувања се прават по пет пати во текот на еден ден и со новиот апарат сериозно се подобрува можноста за дијагностика, а особено во делот на резултатите, кои се целосно компјутеризирани, рече министерот за здравство Тодоров.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска-Вучковиќ рече дека Заводот работи со тим од педијатар, психијатар, психолог, дефектолог, логопед и стоматолог, бидејќи за децата кои што се дијагностицираат и третираат е потребен мултидисциплинарен пристап.

Преку овој ЕЕГ запис може да се направи увид во интелектуалните, психосоцијалните, психомоторните, јазичните и говорните способности на детето. ЕЕГ дијагностиката е особено значајна во дијагностицирање и следење на епилепсија, состојби и ЕЕГ промени кај деца со аутистичен синдром. Реализација на навремено ЕЕГ иследување може да значи започнување со соодветен третман што ќе ги намали или спречи натамошните компликации во развојот, истакна Баевска-Вучковиќ.