НБРМ

Ако кризата продолжи, економскиот раст ќе достигне најмногу 1,6%

05.05.2016 16:37

Ако политичката криза продолжи, економскиот раст ќе забави, наместо 3,5 проценти, до крајот на годинава ќе достигне најмногу 1,6 насто- оцени Народната банка. Ќе се намалат потрошувачката, инвестициите, девизните резерви. За разлика од пред две недели, состојбата со повлекување депозити се смирува, но сѐ уште не е на нормално ниво, вели гувернерот Богов...

Народна банка со две сценарија за движењето на македонската економија. Ризиците се присутни и во двете проекции, вели гувернерот. Според Богов, сега е пореална попесимистичката прогноза, којашто предвидува забавување на кредитната активност и на растот, под услов да продолжи политичката криза. Според оваа варијанта, се очекува раст на БДП од 1,6 проценти за годинава, односно за 2 процентни поенa понизок од основното сценарио. Народна банка смета дека најголемо надолно отстапување би имало кај личната потрошувачка и кај инвестиците, со опасност од дефлација.

„Ваквата ситуација ќе влијае на инвеститорите, очекуваме пониски странски директни инвестиции и намалени домашни инвестиции. Исто така се очекуваат понеповолни движења на пазарот на труд, и секако ризици за финансирање на економијата. Сето ова доведува до последици како намалена кредитна активност, намалена извозна активност, помал економски раст, помалку креирање работни места, но и доста ниско ценовно ниво“, вели гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Во последните денови има намалување на притисокот на менувачкиот пазар - вели гувернерот Богов. Објаснува дека зголемувањето на каматните стапки на благајничките записи ќе има ефекти врз износот на каматните стапки во банките, а дали ќе се зголемат и ратите за кредитите, ќе зависи од банка до банка.

„Очекувам дека состојбите уште повеќе ќе се стабилизираат во следните денови, ако има потреба подготвени сме и натаму да реагираме. Но, се ќе зависи од тоа со кое темпо и интензитет ќе се стабилизираат овие нарушени состојби“, нагласи Богов.

НБРМ донесе и нови дополнителни монетарни мерки. Подобрени се условите за пласирање девизни депозити на домашните банки во НБРМ. Се очекува мерката да придонесе за намалување на трошоците на домашните банки и да предизвика раст на депозитната база.

 

Сунчица Николоска