Нема протест на затвореници во Идризово
Протест на затвореници во Идризово нема, вели директорот на казнено-поправната установа Живко Пејковски. И адвокатка што ги посетила своите клиенти изјави дека не добила впечаток за такво нешто. Претходно, затвореници потпишаа петиција со барање од претседателот Иванов да им ги намали казните...

Протест на затворениците воопшто не бил ниту најавен, ниту пак се случил, вели директорот на затворот Идризово, Живко Пејковски. Според него, состојбата во казнено-поправната установа е редовна и се реализираат посетите на затворениците од нивните семејства.
И адвокатката Мирјана Бојаџиева, што ги посетила своите клиенти во Идризово ни изјави дека таа не добила никаков впечаток дека има протест во затворот, ниту, пак слушнала од нив дека бараат намалување на казните.
Неодамна нешто повеќе од 2 илјади затвореници потишаа петиција до претседателот Иванов за намалување на нивните казни, вели адвокатот Давидовиќ. Појаснува дека овие лица ја признаваат вината и оти не бараат да бидат ослободени и пуштени на улица. Не ја исклучува можноста затворениците да изразат незадоволство од одбивањето на претседателот Ѓорге Иванов за групно помилување, како што тоа го сторил за актуелни и поранешни функционери и нивни соработници.
Во затворот Идризово според надлежните, казна затвор издржуваат околу 2.000 лица. Директорот Пејковски вели дека иако има пренатрупаност во одредени одделенија, очекува состојбата да се подобри со реновирањето и изградбата на новиот објект од затворот, со капацитет за 600 затвореници, кој треба да биде готов до септември.
Игор Панов
