Електронско пријавување субвенции до 30-ти јуни

06.05.2016 09:54

До 30-ти јуни годинава трае пријавувањето за субвенции во земјоделството. Новина е што фармерите кои имаат услови ќе можат и самостојно од дома да аплицираат по електронски пат.

До 30-ти јуни земјоделците ќе можат од дома, преку компјутер, да поднесуваат барања за субвенции до Платежната агенција.

Барателот може да ги внесува потребните податоци самостојно или со помош на вработените во подрачните единици на Министерството за земјоделство и на советодавната агенција.

Во овој период се поднесуваат барањата за растителното производство, односно за житни и за градинарски култури, за одржување на лозови и овошни насади, како и за производство на сертифициран семенски и саден материјал.

За сточарското производство се поднесуваат барања за одгледување на говеда, овци, кози, свињи, пчели и на живина.

Корисници на финансиската поддршка се земјоделските стопанства кои се впишани во Единствениот регистар.

За долговите за неплатената закупнина, водарина и пашарина ќе може да се изврши пребивање со парите од субвенциите.

 

Методија Трајков