Интензивно се реконструира специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид

06.05.2016 12:01

Интензивно се работи на реконструкцијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид. Покрај реновирањето на просторот во болницата ќе биде инсталирана нова медицинска опрема која ќе придонесе за подобрување на здравствените услуги кои оваа установа им ги пружа на пациентите од земјата и странство...

До април 2017-та ќе биде реконструирана Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид. Со реконструкцијата се опфатени првиот и вториот кат од болницата, амбулантите, лабораторијата, одделот за стерилизација и други делови од установата, а ќе бидат опремени и шест операциони сали.

„Во најскоро време, за недела или две треба да се пушти дијагностичкиот центар каде што го имаме добиено, како што знаете апаратот, компјутерскиот томограф 64 слајсниот од Сименс и дигиталниот ренген апарат што најбрзо треба да го вклучиме за работа за да ја подобриме дијагностиката на пациентите и лекувањето на самите пациенти. Тоа ни е приоритет“,  изјави д-р Митко Тилев,  директор на Специјалната болница „Свети Еразмо“.  

Градежните работи во моментот се изведуваат на околу 50 проценти од вкупниот простор на болницата, така што здравствената институција функционира нормално, а операциите и другите здравствени услуги се извршуваат според планираното.

„Така да доста сме задоволни од начинот на функционирањето и работењето на болницата. Ние гледаме максимално да придонесеме за да им излеземе во пресрет на граѓаните од цела Република Македонија за нивните потреби“, вели д-р Тилев.

Паралелно со реконструкцијата на овој дел од болницата започна доизградбата на објектите чија изградба започна пред неколку децении, а се во кругот на оваа здравствена установа. Таму ќе биде дислоцирана Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ која во моментот се наоѓа на другиот крај од крајбрежјето. За потребите на таа болница ќе бидат адаптирани 2.000 метри квадратни, така што во иднина на едно место ќе функционираат две врвни здравствени институции.

 

Сашо Нелоски