Болеста „јазлеста кожа“ забрзано се шири, формирани заштитни зони околу жариштата
Погодени се 8, а надлежните создадоа заштитни зони во 40-тина општини. Вкупно 12 животни во 10 одгледувалишта манифестирале клиничка слика, а 235 се афектирани, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Поповски.

За два дена речиси двојно зголемен бројот на заболените грла крупен добиток во земјава од болеста „јазлеста кожа“. Погодени се 8, а надлежните создадоа заштитни зони во 40-тина општини. Вкупно 12 животни во 10 одгледувалишта манифестирале клиничка слика, а 235 се афектирани, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Поповски.
„Болеста „јазлеста кожа“ е локализирана во источна Македонија и е ставена под контрола во сите осум општини каде што е потврдена, Демир Капија, Штип, Василево, Босилово, Радовиш, Струмица, Ново Село и Делчево. Но, поради начинот на нејзиното релативно лесно и брзо пренесување со инсекти (мушички, комарци, муви,...) не е исклучено натамошно ширење“, изјави Поповски.
Обесштетувањето на сточарите, пак, ќе се врши веднаш штом сопственикот на усмртените грла поднесе соодветно барање, а исплатата ќе биде реализирана во најкраток можен рок, со пари од буџетот на АХВ.
Пред убивањето на животните, се прави проценка врз основа на која потоа се врши обесштетувањето. Има уредба со која се пропишани сумите, но ако сточарот не се согласува со сумата, се врши комисиска проценка, нагласи Поповски.
