Тридневен генерален штрајк во Грција
Синдикатите најавија 48-часовен протест покрај закажаниот штрајк за в недела. Државните и приватните компании ставија клуч на врата, а траектите за грчките острови нема да пловат до вторник.

Работниците во Грција ги напуштија работните места почнувајќи тридневен генерален штрајк поради предложените мерки за намалување на платите. Синдикатите најавија 48-часовен протест покрај закажаниот штрајк за в недела. Државните и приватните компании ставија клуч на врата, а траектите за грчките острови нема да пловат до вторник.
На штрајкот му се приклучија и медицинските и медиумските работници, а правниците веќе со месеци не се појавуваат на судските рочишта.
Протестот се случува во исто време со парламентарното гласање закажано в недела во врска со реформите во пензискиот систем предложени од владата на Грција. Промените во пензискиот систем се дел од договорот со европските кредитори и ММФ за уште 86 милијарди евра спасувачки средства.
Гласањето ќе биде тест за премиерот Алексис Ципрас, кој дојде на власт во 2015 ветувајќи дека ќе ги укине строгите мерки за штедење наметнати од неговите претходници.
„Синдикатите го прават ова само за да се види дека работат нешто. Ништо, ама баш ништо нема да се смени. Оние што владеат овде, нема да си ја загрозат кариерата. И душата би си ја продале на ѓаволот за да останат на власт“, изјави Константинос Андрепулос, пензионер.
„Тешко преживуваме сите. Ќе успееме ако сме вредни, борбени и посветени, но и обединети со Европа“, вели Спирос Лембесис.
Ова е четвртиот генерален штрајк за време на владеењето на СИРИЗА. Левичарското движење не ги исполни ветувањата за промена на дијалогот со кредиторите и начинот на реформирање на грчката економија, па во моментов има исклучително ниска поддршка од јавноста.
