Роберт Малезански- нов командант на Воздухопловната бригада

09.05.2016 16:13

„Нема нација без авијација“- со воена свеченост во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец се изврши примопредавање на должноста, командант на Воздухопловната бригада на АРМ...

Воздухопловната бригада на АРМ доби нов командант. На чело на единицита застанува полковникот Роберт Малезански. Беше заменик на досегашниот командант, полковникот Кире Колевски, кој од 2008-та командуваше со бригадата, единствена воздухопловна оперативна единица што обучува кадар и се грижи за леталата. Новопоставениот командант истакна дека должноста која му е доверена ќе ја извршува професионално и одговорно и ќе го даде максимумот за единицата.

Единицата е опремена со борбени и со транспортни хеликоптери, подготвена за учество во мировни операции, со основна мисија подршка на маневарските единици на Армијата, но и на институциите на државата во справување со елементарни непогоди.

На свеченоста потсетување и за 11-те македонски мировници кои загинаа кај Катлановско Блаце,враќајќи се од мисијата во Босна и Херцеговина.Командантот на Здружената оперативна команда,бригадниот генерал Ѓурчиновски порача дека споменот за нив никогаш нема да згасне.

Единицата е формирана на 10 април 1992 година со одлука на Претседателот на државата. Во 2005 година се трансформираше во помала, покомпактна единица, воздухопловен ВИНГ, се до 2012-та, кога повторно се формира воздухопловна бригада.

Милчо Велески