Продолжи судењето за случајот „Фабрика за афери“

09.05.2016 16:26

Десетмина сведоци чии лични податоци биле искористени за фалсификување на личните карти дадоа исказ на судското рочиште за случајот познат како „Фабрика за афери“. Новинарот кој пишуваше за случајот не го откри идентитетот на изворот кој му предал 105 лични карти за кои тврдел дека се фалсификувани и кои биле причина за понатамошно истражување...

Извор, чиј идентитет новинарот Љубиша Арсиќ не го обелодени, му предал 105 лични карти за кои тврдел дека се фалсификувани. Тоа било индиција за понатамошно истражување– тврдеше новинарот. Оцени дека човекот кој му ги предал личните карти замоткани во бел лист хартија, е испратен од друг човек кој, според него, знаел многу повеќе за изработката на документите коишто требало да се искористат за гласање во изборен процес.

Анонимниот извор му посочил на новинарот дека постојат околу 30 илјади фалсификувани лични карти кои се изработувале на две локации. Со овие информации Арсиќ отишол во МВР и го пријавил случајот. Бил примен од директорот на бирото за јавна безбедност кој ги повикал колегите, по што за случајот е отворена истрага. Арсиќ тврдеше дека до крајот на новинарското истражување не успеал да открие кој ги нарачал и печател личните карти, ниту осознал за која намена требало да послужат.

На деношното судско рочиште за случајот познат како „Фабрика за афери“ сведочеа десетмина сведоци чиишто лични податоци биле искористени за фалсификување на личните карти. Обвинителството ги товари Захир Бекири и неговиот брат Имер за печатење лажни документи- лични карти и пасоши.

 

Анита Димитријевска