Една година од „Диво насеље“
Една година од кумановските настани. Во „Диво насеље“ трагите од шрапнели сѐ уште сведочат за дводневните престрелки меѓу полицијата и терористичката група. Во градот, панихида за осумтемина загинати униформирани припадници на безбедносните сили. Жителите велат дека повеќето од оштетените куќи се санирани...

На една од куќите на влезот во кумановската населба „Диво насеље“ остатокот од шрапнелите потсетуваат на настаните од ланските 9-ти и 10-ти мај. Имаше 28 часовна полициска акција против терористичка група. Загинаа осуммина припадници на силите за безбедност. Жителите велат дека не можат да го забораваат настанот, но гледаат кон иднината.
Речиси сите куќи што беа оштетени за време на престрелките помеѓу македонските безбедносни сили и терористичката група се обновени. За ова сведочат и сопственици на куќите.
„После една недела дојде комисија, ги проценија работите. Лично сум задоволен затоа што се беше исплатено за две три недели. При крај сум со реновирањето, со градбата“, вели Агрон Ајдини, жител на „Диво насеље“.
На пладне, во црквата „Св. Никола“ во Куманово се одржа панихида во чест на осумтемина загинати припадници на безбедносните сили.
„Се собравме овде без разлика на верска, партиска и национална припадност заедно сплотени да покажеме дека секогаш ќе бидат во нашите срца и дека вечно ќе ги паметиме“, изјави Миле Петларски, жител на „Диво насеље“.
„Многу луѓе се потресени, не дај боже на никој тоа да му се случи и да се повтори. Да живееме во заедница“, вели Љупчо Гиевски, жител на „Диво насеље“.
Минатата недела, претседателот Иванов постхумно ги одликува загинатите полицајци со „Медал за храброст“.
Судскиот процес против уапсените членови на групата е во постапка. 29-мина се обвинети за тероризам и учество во терористичка организација.
Наташа Гркова-Петрушевска
