Изложбата „Соочување со минатото- граѓанска храброст во тешки времиња“ пред американската јавност

10.05.2016 10:12

Американската јавност во Вашингтон се запозна со моделите на соработка во тешки времиња во Македонија со цел да се спаси човечки живот. Изложбата „Соочување со минатото- граѓанска храброст во тешки времиња“ прикажува како еврејски семејства биле спасени во Македонија за време на Втората светска војна...

Позитивните модели на соработка меѓу различните етнички заедници во Македонија за време на Втората светска војна со цел да се спасат животите на македонски еврејски семејства, е тема на изложбата „Соочување со минатото-граѓанска храброст во тешки времиња„ со која се запозна американската јавност во Вашингтон. 

„Нашата агенда трае седум дена. Денеска бевме во американскиот Конгрес во Вашингтон и имавме неколку средби со неколку конгресмени. Исто така за два дена ќе биде претставена изложбата и во Њујорк во Макеоднскиот културен центар. Ова е прво излагање на изложбата надвор од Македонија во Вашингтон и во Њујорк“, вели Маја Сушаистражувач во Меморијалниот центар на холокаустот на евреите во Македонија.

Се обидуваме воедно да го претставиме и соживотот меѓу населението во Македонија, помеѓу Албанците, Евреите и Македонците, односно периодот кога Евреите за време на окупацијата, дел од нив се спасуваат  и успеваат да преминат во Албанија. За таа цел директорот на Институтот за културно налседство на Албанците  заедно со еден тим заминаа во Албанија и истражуваа во државниот архив, донесоа огромна документација и врз основа на неа, покрепена со документи од Државниот архив на Република Македонија и од документацијата што ја поседува Еврејската заедница во Македонија, ја направивме оваа изложба“, изјави Александар  МанојловскиНационален институт за историја.

„Се знае дека денешната територија на Македонија тогаш била под бугарска фашистичка власт  и тогаш беа депортирани и ликвидирани 98 проценти од еврејската популација на овие територии, посебно од градот Скопје, Штип и Битола. Тие што се спасиле 2 посто, но не само тие имало и Евреи од другите земји, коишто поминуваме низ Македонија и се спасиле во Албанија. Досега не сме знаеле за ова. Кога истражуваме во државниот архив на Албанија дознавме за дополнителните луѓе коишто се спасиле низ Македонија во Албанија“, изјави Скендер Хасани, Институт за културно наследство на Албанците во Македонија.

Изложбата е плод на двегодишна работа на четири македонски институции која има претставување во Вашингтон и во Њујорк.

„Дојдов на изложбата и научив за Еврејската заедница во Македонија кога постоела пред и по Втората светска војна.Тоа е новото што го научив од овде“, нагласи Дебра Гоулд Линик, претставник на Американската еврејска заедница.

По повод 9-ти мај, Денот на победата над фашизмот, делегација на македонската амбасада во Вашингтон положи венец цвеќе пред споменикот на незнајниот јунак во Арлингтон.

На воените гробишта Арлингтон во близина на Вашингтон има закопани и Македонци коишто служеле во американските воени сили за време на Втората светска војна, во Кореја и во Виетнам.

 

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ