Продолжи откупот на тутун во Прилеп

27.01.2014 17:18

Продолжи откупот на тутунот во прилепскиот Тутунски комбинат. Има пари за исплата.

По тринеделна пауза прилепскиот тутунски комбинат го продолжи откупот на тутунот. Се чека ред за процена на вагите.

Комбинатот прво ги отвори вратите на градскиот пункт, а од утре и во населените места за да ги откупи договорените количества.

Тутунарите очекуваат да биде подобро.

„Околу два тона тутун донесовме, ама тешко е“, вели еден тутунар.

„Еден тон донесов и очекуваме да го платат родот.“

„Да има повисоки цени на класите и помали разлики. Голема разлика е 50 до 60 денари од класа до класа.“

Досега се откупени половината од договорените 3.000 тони тутун. Од комбинатот уверуваат – ќе се преземат сите договорени количества.  Банкарскиот кредит од 3 милиони евра што го зеде компанијата ќе ја осигура и исплатата.

„Сите кои имаат склучено договори со тутунскиот комбинат да не се плашат, да имаат трпение и количествата договорени со нашата компанија ќе бидат откупени“, вели Жаклина Зојческа раководител на откупните пунктови.

Откупот во земјава е на половината. Преземени се преку 16.000 тони. Сојузот на тутунопроизводителите порачува тутунарите да си бараат реална процена.

„Остануваат уште неполни 14 милиони килограми да се откупат. Просечната цена досега е 156 денари и не сме задоволни, зашто имаме квалитетен тутун. Доколку не се задоволни тутунарите да ги оспорат јарма балите или картноските кутии тутун“, вели  Данчо Милески, претседател на сојузот на тутунските здруженија на Македонија.

Според динамиката, родот од близу 30.000 тони во земјава може да се купи до крајот на февруари, пред законскиот рок од 15 март.

 

Новинар: Елизабета Митреска

Снимател и монтажа: Илчо Димески