Орав: Преговорите треба да продолжат веднаш, нема време за губење

10.05.2016 14:17

Меѓународната заедница е во комуникација со политичките лидери во земјава. Политичката криза трае премногу долго. Нема време за чекање, преговорите треба да продолжат веднаш, Европската унија ќе помогне. Порака од евроамбасадорот Аиво Орав на ЕУ-појадокот во Секретаријатот за европски прашања. Вицепремиерот Адеми со став- наша одговорност е што поскоро да најдеме излез од политичката криза...

„Оваа политичка криза трае предолго, нема време за губење“- изјави евроамбасадорот Аиро Орав на денешната традиционална средба со амбасадорите  од земјите- членки на ЕУ и актуелниот и поранешните вицепремиери за европски прашања. Според него, останува премногу работи да се завршат, потребни се тешки и сериозни одлуки кои треба во најскоро време да го донесат оние кои се одговорни за ситуацијата. Рече дека земјава е карактеристичен случај бидејќи шест пати добива препорака за членство, а сега, вели, размислуваат како треба да пристапат со условената препораката поради актуелните политички случувања.

„Минатиот месец го видовме и самиот леден брег кога беше донесена одлуката за аболиција. Нема време за губење. Тешки и сериозни одлуки треба да бидат донесени денес, утре од тие што се одговорни за ситуацијата, така што заедно ќе одиме напред. ЕУ е тука ако ви треба нашата помош. Ние во ЕУ исто така многу се надеваме дека оваа криза ќе биде оставена зад нас и дека ќе ги почнеме преговорите со вас кога тоа ќе биде можно“, рече евроамбасадорот Аиво Орав.

Американскиот амбасадор Џес Бејли кусо посочи дека остануваат во комуникација со политичките партии. Холандскиот амбасадор во земјава изрази надеж дека актуелната ситуација наскоро ќе се реши.

„Се надевам дека лидерите ќе најдат мудрост и храброст да постигнат решение. Верувам напорите на меѓународната заедница да придонесат за изнаоѓање на тоа решение“, изјави холандскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп.

Вицепремиерот Арбр Адеми изјави дека факт е оти Македонија најдолго ја имплементира ЕУ-агендата од сите земји во регионот и оти не може да се сокрие дека земјата е во најкомплексна криза која е неодржлива.

„Нема друга алтернатива за нашата европската иднина од одржување веродостојни избори и широко прифатени изборни резултати, како и понатамошно агресивно имплементирање на итните реформски приоритети со што ќе го осигураме задржувањето на моментно условената препорака на ЕК“, рече Артр Адеми-вицепремиер за евроинтеграции.

Традиционалниот ЕУ-појадок го оргнизира Секретаријатот за европски прашања.

 

Катерина Топалова