Одложено судењето на Савески, се чека вештачењето за штетата

10.05.2016 14:28

Се одложи судскиот процес против двајцата членови на „Левица“ кои се товарат за учество во толпа што ќе стори кривично дело, за време на протестите во кои беше демолирана канцеларијата на претседателот. Сѐ уште се чека вештачењето за штетата...

Фрлал предмети кон народната канцеларија на претседателот, потоа со толпата влегол внатре и запалил фотографија од Иванов. Поради ова, универзитетскиот професор Здравко Савески седна на обвинителна клупа. Обвинителство штетата ја проценува на најмалку 15 илјади евра, но бидејќи вештачењето не е завршено, судењето се одложи. Државното правобранителство коешто ја застапува Канцеларијата на Иванов, го задолжи Бирото за судски вештањења да ја процени штетата.

Ако вештачењето заврши и извештајот стигне до судот, судењето ќе почне на 19-ти мај. Во меѓувреме, адвокатите и обвинетиот треба да извршат увид во двете двд-а кои се доказ на обвинителството за инволвираноста на Здравко Савески во протестите коишто се случија пред народната канцеларија на претседателот.

Снимките ќе ги прегледа и неговиот сопартиец од „Левица“- Владимир Куновски кој според обвинителството влегол во Канцеларијата и преку искршениот прозорец исфрлил неколку столчиња надвор на тротоарот. На овие двајца обвинети ќе им се суди одделно, бидејќи судијката не ги спои постапките со оние на останатите обвинети за учество во толпа што ќе изврши кривично дело, за што е предвидена казна затвор до три години. За одбраната е нејасно како во различни постапки, се бара надомест за иста штета.

По насилните протести на 13-ти април, на двајцата обвинети им е одреден куќен притвор.

 

Анита Димитријевска