Финансиска поддршка за греење на пелети
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, претстави нов проект од партиската програма. Рече дека предвидува финансиска поддршка за греење на пелети, од набавка на печките, до огревниот материјал и инструментите. Се проценува дека овој проект годишно би чинел околу 3,5 милиони евра...

Поддршка за греење со пелети е мерката од партиската програма на ВМРО-ДПМНЕ, што ја промовираше Груевски. Рече дека така ќе се стимулира замената на старите печки на дрва. Со мерката е предвидено, да се субвенционира до 70 проценти од вредноста на набавката, односно до најмногу 30 илјади денари по домаќинство. Според Груевски, проектот има и економска и еколошка вредност.
„За набавка на печка од 6 киловати која може да затопли површина до 60 метри квадратни се потребни околу 40 илјади денари, при што со оваа мерка ќе има субвенции од државата од 28.000 денари или пак 70% од вредноста. Или, пак, за осум киловатна печка која загрева површина до 80 метри квадратни ќе се субвенционираат до 30 илјади денари, што е горниот лимит на субвенцијата“, изјави Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски вели дека би имало субвенции за вградување системи за греење со пелети на станбени објекти, градинки, училишта, јавни претпријатија. За производство на овој енергенс, би се специјализирало и ЈП Македонски шуми. Годишно за оваа намена би се одвојувале по околу 3,5 млиони евра.
Сунчица Николоска
