Се шири болеста „јазлеста кожа“, детектирани 34 жаришта во 14 општини
Се шири болеста „јазлеста кожа“ во земјава. Детектирани се вкупно 34 жаришта во 14 општини, најголем дел од нив на истокот од земјава. Афектирани се над 520 говеда. Се чека да пристигнат вакцините, надлежните уверуваат дека сточарите ќе бидат обесштетени...

Сите говеда во земјава ќе се заштитат од болеста „јазлеста кожа“. Вакцинирани ќе бидат околу 225 илјади грла, од две до три недели по пристигнувањето на вакцините- информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Болеста се шири во источниот дел на земјава, зафатени се 14 општини, досега се убиени околу 520 животни. Забраната за предавање на млекото од болните животни надвор од жариштата е да се спречи ширење на болеста, а не затоа што таа е опасна по здравјето на луѓето- велат надлежните.
„Млекото и месото не може да излезе од општини и региони каде има жариште, надвор од овие 14 општини, бидејќи постои потенцијал за пренос на вирусот преку млекото и месото во другите региони каде не е присутна болеста“, изајви директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски.
По усмртувањето и нештетното отстранување, сточарите веднаш ќе бидат обесштетени. Покрај вакцинацијата се преземаат сите мерки за спречување на ширење на болеста- велат надлежните.
„Зачестена активност на хигиена во одгледувалиштатата со примена на заштитни мерки, како и на дезинсекција од страна на сточарите. Укажување на општините за обврската за прскање против комарци“, рече заменик министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски.
Болеста „јазлеста кожа“ во земјава беше потврдена во минатиот месец. Типична е за африканскиот континент, но со поместувањето на температурните граници кои се поволни за преностителите, преку Блискиот исток се прошири во Турција, а оттаму во Грција и во Бугарија.
Андријана Атанасовска
