Блокадата од Грција останува пречка за приемот на Македонија во НАТО

11.05.2016 10:22

НАТО треба да води интензивен дијалог и повеќе од тоа, соработка со Македонија и да ѝ даде јасна перспектива за членство на самитот во Варшава, оценуваат експертите од Германскиот Маршалов Фонд во Полска и Белгија. Според нив, ако оваа година се реши кипарското прашање, тоа ќе го отвори патот и за решавање на спорот со Грција околу името на Македонија.

Проширувањето на НАТО нема да биде високо на агендата на престојниот самит во Варшава, но сојузниците ќе ја потврдат политиката на отворена врата за нови земји членки. На Македонија покрај ова треба да и биде даден временски рок во кој ќе стане полноправна членка на Алијансата, оценува Директорот на Германскиот Маршалов Фонд во Варшава, Михал Барановски, којшто ќе биде домаќин на самитот на македонскиот и грузискиот министер за одбрана.

„НАТО ќе остане со политиката на отворена врата, но исто НАТО треба да обезбеди дека иако Македонија е во 18-тиот Акционен план, да води интензивен дијалог и повеќе од тоа соработка со Македонија. Се надевам дека Русија нема да се здобие со поголемо влијание на Балканот, но НАТО и Западот треба да дадат јасна светлина на крајот од тунелот, иако тунелот е многу долг за земји како Македонија, за конечно приклучување во Алијансата“, изјави Михал Барановски, директор на Герамснкиот Маршалов Фонд во Варшава.

Блокадата од Грција останува пречка за приемот на Македонија во НАТО, но Директорот на Германскиот Маршалов Фонд во Брисел Јан Лесер смета дека ако оваа година се реши кипарското прашање, ќе се отвори вратата за решение за разликите со името на Македонија.

„Очигледно многу работи треба да се погодат за да се реши проблемот со иметона Македонија. Во основа е во интерес на Алијансата , но проблемот со Грција очигледно мора да се реши од практична гледна точка. Постои надеж дека ако оваа година има договор  за кипарското прашање, на некој начин може да се отвори патот за решавање на други спорови, вклучувајќи го и овој. Ова е мала можност но која е вредна да се разгледа“, вели Јан Лесер, директор на Германскиот Маршалов Фонд во Брисел.

Земјите- членки се свесни за опасноста за зголемување на руското влијание на Балканот ако проширувањето се одложува и за ова ќе се дискутира на престојниот самит во Варшава, покрај безбедноста во Европа, мигрантската криза и поделбата на обврските меѓу сојузниците.

Според најавите на престојниот самит на НАТО во Варшава, главни теми ќе бидат засилување на источното крило кон Русија и солидарноста меѓу земјите членки.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ