И годинава субвенции за научни трудови со импакт фактор
Огласот трае до 31 август, а субвенцијата изнесува 30.000 денари.

Министерството за образование и наука и годинава ќе доделува научни субвенции за истражувачите кои ќе објават труд во научни списанија со импакт фактор. Огласот трае до 31 август, а субвенцијата изнесува 30.000 денари.
„Апелирам сите заинтересирани професори и лица што се бават со научно истражувачка дејност и кои имаат вакви трудови да аплицираат до министерството“, изјави заменик министерот за образование, Спиро Ристовски. Посочи дека годинава е планирано да бидат поддржани околу 300 лица со право на научна субвенција и дека досега има приближно 200 апликации.
Досега од Министерството се доделени повеќе од 800 вакви субвениции за поддршка за објавени научно-истражувачки трудови на домашни автори во меѓународни списанија со фактор на влијание, во различни области како природно-математичка, медицинска, хуманистичка, техничко-технолошка, биотехничка и општествена област.
