Расте бројот на жртви во нападот во Багдад, ИД ја презеде одговорноста

11.05.2016 14:40

Експлозијата се случила за време на утринскиот сообраќаен метеж на преполн пазар во северниот дел на градот. Според очевидци, бомбата била поставена во пик-ап натоварен со овошје и зеленчук.

Во напад со автомобил- бомба во шиитскиот кварт Садр, во Багдад загинаа најмалку 64 лица, а повеќе од 87 се повредени, меѓу кои и жени и деца. Се стравува дека бројот на жртви може да биде многу поголем.

Експлозијата се случила за време на утринскиот сообраќаен метеж на преполн пазар во северниот дел на градот. Според очевидци, бомбата била поставена во пик-ап натоварен со овошје и зеленчук. Возачот го паркирал автомобилот и исчезнал во толпата, по што се случил масакрот. Од детонацијата се оштетени и околните згради и автомобили. Жителите вознемирени коментираат за зачестените крвави настани.

„Младите луѓе сакаат да живеат овде. Безбедносните сили не се во состојба да ја контролираат безбедноста. Владата се изјасни дека поседуваат детектори за откривање на експлозиви. Се прашувам каде се тие детектори. Како може еден таков автомобил-бомба да не биде откриен“, изјави еден сведок на екплозијата.

Кратко време по експлозијата, преку интернет порталите Исламска држава ја презеде одговорноста. Нападот бил насочен кон полициските припадници од помалубројната шиитска заедница.

ИДИЛ неодамна изврши неколку бомбашки напади во оваа област. Организацијата контролира значајни места во северен и западен Ирак, вклучувајќи го и вториот град по големина Мосул.

 

Маријана Димовска